Отворен е првиот „Ајвар маркет“ во Македонија, следниот се планира наскоро

Новиот „Ајвар маркет”, прв на гевгелиската компанија за производство и преработка на зеленчук и овошје „Пајдаков”, беше отворен на 11 јануари, во скопската населба Ново Лисиче

Маркетот, кој е лоциран на булеварот Видое Смилески Бато, бр. 14/4, се протега на продажна површина од 50 квадратни метри и располага со дополнителни 10 квадратни метри магацински простор. Во „Ајвар маркет” има тројца вработени, а потрошувачите се услужуваат на една наплатна каса.

Асортиманот го сочинуваат производи од портфолиото на „Пајдаков”, поделени во четири категории: домашни производи (Ајвар домашен благ и лут, Ајвар домашен летен, Малиџано, Печена пиперка, Лутеница, Пинџур и Ѓувеч), стандардни производи (Ајвар пржен благ и лут, Филета, Бабурчиња, Чорбаџиска пиперка, Феферони, Цвекло, Корнишони, Мешана салата и Зелка лист), слатки деликатеси (Слатко од дива смоква, Слатко од зрела смоква, Мармалад од зрела смоква и Мармалад од портокал) и премиум производи (Паприкано – печена и пржена зелена блага пиперка).

По 20 години успешна работа и континуирано производство, одлучивме вистинскиот домашен вкус да го доближиме до секое семејство. Приготвувањето на производите е тоа на што „Пајдаков” најмногу внимава,  па со отворањето на продавницата, сакаме да ја споделиме таа приказна и да му овозможиме на секој што не е во можност да приготви дома, да се почувствува како да јаде од специјалитетот на баба, изјави за InStore Тано Пајдаков, генерален менаџер на компанијата, и додаде дека најважно е производите да се приготвуваат според традиционални рецепти, исклучиво од свежи зеленчук и овошје: Зад тој став стоиме цврсто!

Пајдаков открива дека во план е отворање на уште една продавница до крајот на пролетта, која ќе биде лоцирана во централниот дел на Скопје.

Comments are closed.